ООМУ Васо Карајанов

Патронен празник

Почитувани,

Денес го одбележуваме 96 –от роденден на нашиот патрон Васо Карајанов. Нашето музичко училиште со гордост го носи името на македонскиот херој од Народноослободителната војна и заменик командант на партизанскиот одред „Сава Михајлов“. Својата должност ја извршувал со голема преданост и совесност. Тој бдеел над неговите другари грижејќи се за нивната безбедност и ги подучувал на борбените вештини. Смелоста и храброста на Васо Карајанов не потсетуваат постојано за еден важен дел од македонската историја, која зборува за многу жртви и откажувања на големите борци како нашиот патрон, на кои не смееме да заборавиме, туку да ги цениме и да продолжиме да ги почитуваме и чествуваме.

Музиката претставува непрекинат дијалог, мост меѓу култури и цивилизации. Таа е дијалог за корените на животот, за возвишеноста на човекот и траењето низ вековите. Пред нас се отвораат нови звучни полиња, започнува потрагата по имагинарното сонувано совршенство. Заљубениците во музичката уметност живеат со мислата за минливоста на животот, но и со вербата дека со музиката е можно траењето, дека е осмислено векувањето. Со таква една верба, во 1978 година е основано нашето училиште „Васо Карајанов“ во Гевгелија по иницијатива на истакнатите музички педагози Ѓорге и Љубица Улишеви кои денес се сеуште дел од наставничкиот кадар на училиштето. Формирањето и понатамошната дејност на училиштето се соодветни на јасно изразените потреби за ширењето на  музичката култура и едукација, но и за збогатување на културно-уметничкиот живот воопшто.

Излишно би било денес да се докажува каква е улогата на музиката во животот на современиот човек. Јасно е дека тој волшебен свет на тонови, тоа скривалиште на најголемите уметници и творци во кое ги внеле своите највредни дела не смее да остане туѓ и непознат на младата генерација што доаѓа. Без музика, без нејзините познавања и занимања со неа, тие би биле посиромашни за една човечка димензија, а не само за естетска категорија, би биле лишени од едно најубаво доживување во светот на уметноста. Во нашето општество единствена можност за запознавање и изучување на музиката се музичките училишта. Во таа насока, јасни се местото и улогата на музичките училишта како важен фактор за развој на музичкото образование и култура. Музичките училишта се реално гледано основа од која израснува се она што влијае и создава музичка култура во една средина.

Низ нашето училиште поминале голем број на ученици кои денес се успешни и реализирани граѓани во општеството. За некои од нив музиката станала и животна определба, професија. Изучувањето на музичките инструменти како пијано, виолина, кларинет и флејта, а подоцна и балетот како посебен оддел во ова училиште, несомнено придонеле за подигнување на квалитетот и позитивните особони кај овие личности. Во наставниот план и програма за основното музичко и балетско образование, е забележано дека ваквиот вид на образование се организира за создавање услови за ширење на музичката и балетската култура и за подготвување на учениците за натамошно образование во овие области од уметноста. Во образовниот и воспитниот процес преовладува индивидуалната, групната и одделенската форма на работа. Од формирањето на училиштето до денес, младите музички репродуктивци се присутни на концертните активности, свечености и разни натпревари во земјава и пошироко. Како сведок на овие случувања, ги бележиме добиените награди и признанија за нашиот успех со кои несомнено се гордееме. Освоените награди и признанија доволно зборуваат за успешната педагошка дејност на наставниците и нивната стручна подготвеност. Во оваа афирмација вградена е нивната благородна мисија со многу ентузијазам, многу часови стручна уметничка работа, многу љубов, многу верба за посреќна и поосмислена иднина на младата генерација.

Духот на нашиот патрон Васо Карајанов не води и низ воспитно-образовната дејност на нашето училиште во кое годишно се вбројуваат над 130 ученика не само од општина Гевгелија, туку и од општините Богданци, Дојран и Валандово. Овде се раѓа желбата за изучување и на други музички инсрументи, а со тоа и проширување на наставниот кадар кој веќе постои како реален човечки ресурс и е спремен да го имплементира своето знаење во оваа благородна уметничка дејност.

Во музиката се откриваат тајните на човековото постоење, се осмислува и резимира хуманистичката визија дека хоризонтите на животот ќе бидат поубави, помудри и повозвишени. Уметниците музичари доаѓаат до сознание дека духот на уметноста треба да биде непомирлив пред силите на заборавот, самозадоволството и пред отсуството на интелектуалното љубопитство. Затоа, се додека еден народ живее со уметноста и за уметноста, ќе живее и неговиот дух, а тој народ вечно ќе постои.

 

м-р Сузана Стефанова