ООМУ Васо Карајанов

Историјат на училиштето

Општинското основно музичко училиште „Васо Карајанов“ е основано со акт на Собранието на општина Гевгелија од 5.10.1978 година. Прв директор на оваа институција, а воедно и еден од најзаслужните за нејзиното формирање, бил професорот Ѓорге Улишев.

Формирањето на музичкото училиште и неговата понатамошна дејност, биле соодветни на јасно изразените потреби за ширењето на музичката култура и едукација, но и за збогатување на културниот живот во градот и општината. Почетната работа на училиштето се одвивала во отежнати услови, во просториите на некогашната болница, која во денешно време со прилагодување и реновирање ги задоволува потребите на ваквата културно- педагошка институција.

Во наставниот план и програма за основното музичко и балетско образование, е забележано дека ваквиот вид на образование се организира за создавање услови за ширење на музичката и балетската култура и за подготвување на учениците за натамошно образование во овие области од уметноста. Во образовниот и воспитниот процес е застапена индивидуалната, групната и одделенската форма на работа.

Во својата историја музичкото училиште има забележано повеќе значајни моменти во збогатување на наставните содржини:

  • 1979 год. – започнува наставата по пијано и виолина
  • 1980 год. – започнува наставата по кларинет
  • 1981 год. – започнува наставата по флејта
  • 1995 год. – се формира нов отсек – балет;

Во изминатиот период, учениците на ООМУ „Васо Карајанов“, учествувале на голем број натпревари во и надвор од Република Македонија. Освоените награди и признанија доволно зборуваат за успешната педагошка дејност на наставниците и нивната стручна подготвеност.