Почитувани,
Денес го одбележуваме 96 –от роденден на нашиот патрон Васо Карајанов. Нашето музичко училиште со гордост го носи името на македонскиот херој од Народноослободителната војна и заменик командант на партизанскиот одред „Сава Михајлов“. Својата должност ја извршувал со голема преданост и совесност. Тој бдеел над неговите другари грижејќи се за нивната безбедност и ги подучувал на борбените вештини. Смелоста и храброста на Васо Карајанов не потсетуваат постојано за еден важен дел од македонската историја, која зборува за многу жртви и откажувања на големите борци како нашиот патрон, на кои не смееме да заборавиме, туку да ги цениме и да продолжиме да ги почитуваме и чествуваме.
Музиката претставува непрекинат дијалог, мост меѓу култури и цивилизации. Таа е дијалог за корените на животот, за возвишеноста на човекот и траењето низ вековите. Пред нас се отвораат нови звучни полиња, започнува потрагата по имагинарното сонувано совршенство. Заљубениците во музичката уметност живеат со мислата за минливоста на животот, но и со вербата дека со музиката е можно траењето, дека е осмислено векувањето. Со таква една верба, во 1978 година е основано нашето училиште „Васо Карајанов“ во Гевгелија по иницијатива на истакнатите музички педагози Ѓорге и Љубица Улишеви кои денес се сеуште дел од наставничкиот кадар на училиштето. Формирањето и понатамошната дејност на училиштето се соодветни на јасно изразените потреби за ширењето на музичката култура и едукација, но и за збогатување на културно-уметничкиот живот воопшто.
Излишно би било денес да се докажува каква е улогата на музиката во животот на современиот човек. Јасно е дека тој волшебен свет на тонови, тоа скривалиште на најголемите уметници и творци во кое ги внеле своите највредни дела не смее да остане туѓ и непознат на младата генерација што доаѓа. Без музика, без нејзините познавања и занимања со неа, тие би биле посиромашни за една човечка димензија, а не само за естетска категорија, би биле лишени од едно најубаво доживување во светот на уметноста. Во нашето општество единствена можност за запознавање и изучување на музиката се музичките училишта. Во таа насока, јасни се местото и улогата на музичките училишта како важен фактор за развој на музичкото образование и култура. Музичките училишта се реално гледано основа од која израснува се она што влијае и создава музичка култура во една средина.
Низ нашето училиште поминале голем број на ученици кои денес се успешни и реализирани граѓани во општеството. За некои од нив музиката станала и животна определба, професија. Изучувањето на музичките инструменти како пијано, виолина, кларинет и флејта, а подоцна и балетот како посебен оддел во ова училиште, несомнено придонеле за подигнување на квалитетот и позитивните особони кај овие личности. Во наставниот план и програма за основното музичко и балетско образование, е забележано дека ваквиот вид на образование се организира за создавање услови за ширење на музичката и балетската култура и за подготвување на учениците за натамошно образование во овие области од уметноста. Во образовниот и воспитниот процес преовладува индивидуалната, групната и одделенската форма на работа. Од формирањето на училиштето до денес, младите музички репродуктивци се присутни на концертните активности, свечености и разни натпревари во земјава и пошироко. Како сведок на овие случувања, ги бележиме добиените награди и признанија за нашиот успех со кои несомнено се гордееме. Освоените награди и признанија доволно зборуваат за успешната педагошка дејност на наставниците и нивната стручна подготвеност. Во оваа афирмација вградена е нивната благородна мисија со многу ентузијазам, многу часови стручна уметничка работа, многу љубов, многу верба за посреќна и поосмислена иднина на младата генерација.
Духот на нашиот патрон Васо Карајанов не води и низ воспитно-образовната дејност на нашето училиште во кое годишно се вбројуваат над 130 ученика не само од општина Гевгелија, туку и од општините Богданци, Дојран и Валандово. Овде се раѓа желбата за изучување и на други музички инсрументи, а со тоа и проширување на наставниот кадар кој веќе постои како реален човечки ресурс и е спремен да го имплементира своето знаење во оваа благородна уметничка дејност.
Во музиката се откриваат тајните на човековото постоење, се осмислува и резимира хуманистичката визија дека хоризонтите на животот ќе бидат поубави, помудри и повозвишени. Уметниците музичари доаѓаат до сознание дека духот на уметноста треба да биде непомирлив пред силите на заборавот, самозадоволството и пред отсуството на интелектуалното љубопитство. Затоа, се додека еден народ живее со уметноста и за уметноста, ќе живее и неговиот дух, а тој народ вечно ќе постои.
м-р Сузана Стефанова
